116.773 граѓани се вакцинираа против ковид-19 за нецели две недели откако Владата најави рестрикции за невакцинираните во саботата вечер на 7 август. Бројката на вакцинирани со барем една доза порасна од 535.567 на 652.340, а целосно вакцинирани се 499.934 граѓани, заклучно со вчера.
Министерството за здравство објави дека прва доза вакцина вчера примиле 13.398 граѓани, а вкупно се вакцинирале 17.099 граѓани. Вкупно досега се аплицирани 1.152.274 дози вакцини.
Мерките на Владата почнаа да важат од 18 август и оттогаш за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:
- сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест ковид-19
- сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст
Владата одлучи оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите.
М. ИЛИОСКИ