Австралискиот премиер Скот Морисон вели дека карантини во Австралија ќе има сè додека не се вакцинира против ковид-19 барем 70 отсто од популацијата. Кога ќе се достигне таа бројка, карантини најверојатно нема да има или ако има, ќе бидат локализирани.
„Карантините не се одржлив начин за справување со вирусот и затоа треба да дојдеме до ниво од 70 или 80 отсто вакцинирани, по што ќе можеме да почнеме да живееме со вирусот“, изјави Морисон во инервју за „Еј-Би-Си“.
По големиот раст на нови случаи во земјата, Морисон вели дека е малку веројатно да постигне нула случаи на ковид-19, но останува на ставот дека се потребни рестриктивни мерки сè додека барем 70 отсто од Австралијците се вакцинирани.
„Кога ќе го направиме тоа, тогаш можеме да се сконцентрираме на прашања од јавното здравје како хоспитализации и сериозни болести. Сега, мораме да направиме сè што можеме да се осигураме дека карантините се ефективни. Мора да го спречиме ширењето на вирусот најдобро што можеме и потребно е луѓето да се изолираат, да останат дома, да се тестираат и секако, да се вакцинираат“, вели тој.
Во Австралија, 50 отсто од луѓето над 16 години имаат примено една доза, а целосно вакцинирани се 28 отсто.