Иницијативата Зелен хуман град ги собра потребните потписи за да предложи независна листа на советници за Град Скопје и за независната кандидатка за градоначалничка на Скопје Ана Петровска на престојните локални избори на 17 октомври. Како што објавија на својот фејсбук профил, за 6 дена се собрани потребните 1.000 потписи.
„Фактот што за толку кусо време се собраа и повеќе од доволно потписи, ја покажува големата желба на скопјани да живееме во зелен хуман град. Огромна благодарност до сите вас за поддршката што ни ја дадовте, се гледаме на избори во октомври“, велат од Зелен хуман град.
Носители на советничката листа на Зелен хуман град се Драгана Велковска и Горјан Јовановски, а кандидатка за градоначалничка е Ана Петровска, која минатиот месец од Владата беше разрешена од функцијата директорка на Државниот инспекторат за животна средина, откако влезе во конфликт со лидерката на нејзината партија ДОМ.
Потребните потписи за независни советнички листа собраа и независната граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ каде листата ја предводат поранешната претседателка на Советот на Општина Центар Јана Белчева-Андреевска, проф. д-р Дивна Пенчиќ и Јане Димески. Независна советничка листа на претстојните локални избори ќе има и во Општина Карпош. На листата „Независни за Карпош – За Заштита на Карпош“ носителка е Невена Георгиевска, активистка од „О2 Иницијатива“ и „Ние сме Карпош 4“. Од скопските потписи уште не се собрани за независната советничка група „Зелените за Гази Баба“ за Општина Гази Баба. Во Тетово, неопходните потписи ги собра иницијативата „Подобро за Тетово“, а во Битола „Поинаку“.
А. АНТЕВСКА