Со изложба која ќе се отвори денес во 18 часот на летната сцена при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, почнува јубилејното 60. издание на Струшките вечери на поезијата (СВП). Фестивалот ќе се организира со физичко присуство на домашните поети и на најголемиот дел од поканетите учесници од странство. Помал дел од странските поети што од објективни причини нема да можат да бидат физички присутни ќе бидат претставени преку видеочитања, кои ќе бидат составен дел од програмата на фестивалот.
Специјално обраќање како и видеочитање, подготви и годинешната добитничка на Златниот венец на СВП, британската поетеса Керол Ен Дафи, која го најавила своето физичко присуство на следното издание во 2022 година.
Од Фестивалот велат дека иако беше првично најавен како специјален гостин на јубилејното издание на СВП, минатогодишниот лауреат Амир Ор, од објективни причини бил принуден да го одложи своето физичко присуство за следното издание.
Реномираната поетеса и писателка Лидија Димковска е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ од СВП, за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија
Фестивалот ќе се одржува до 30 август под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“, а најавени се повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата, но и од помладата генерација.
Во склоп на програмата се предвидени меморијални чествувања на доајените на македонската поезија Анте Поповски и Богомил Ѓузел, а како специјален настан е промоцијата на монографскотото издание „Избор од поезијата и кратката проза од Блаже Конески“ како дел од Националната програма со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот на македонската култура.
Последната вечер на поезија е закажана за понеделник кога ќе биде одржано Меѓународно поетско читање во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје.
Во согласност со најновите мерки за заштита, оваа година, исто како и минатата, свеченото отворање и затворање на Фестивалот ќе се одржи на покриената тераса на хотел „Дрим“. Во останатите денови, претпладневната програма е предвидена да се одвива во Конгресната сала на хотел „Дрим“, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура.
Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита. Програмата на Фестивалот ќе се пренесува во живо на нивниот официјален Јутјуб канал.
Б. НЕСТОРОСКА