Изгорените дрвја од пожарот на 26 август 2019 сè уште сведочат за големата огнена стихија, која ја опустоши шумата од околината на Езеро Младост. Иако минаа две години, дел од нив уште не се отстранети и се грда слика, посебно за содржините од забавниот парк и паркот на авантурите, кои беа уредени со средства од ЕУ и Швајцарија. Тие се наоѓаат во делот на опфатот на Деталниот урбанистички план и се во надлежност на Општина Велес, која треба да ги отстрани.
„Приоритет дадовме на површините кои требаше да се уредат и веќе се завршени, тоа се двата парка. Не знам дали можеме во текот на оваа изборна кампања нешто да сториме, немаме предвидено средства. Не можат да се прават јавни набавки во текот на кампањата. Останува за следната локална власт тоа да го среди“, вели градоначалникот Аце Коцевски.
Дрвјата во погорните зони на Езеро Младост, се во надлежност на ЈП „Македонски шуми“.
П. ПЕЧКОВ