Општина Охрид распиша Јавен повик за прибирање идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро, согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство, препораките на УНЕСКО како и постојните законски прописи. Градоначалникот Константин Георгиевски на денешната прес-конференција рече дека целта е плажите да бидат јавни и слободни за користење, во функција на туризмот, а уредени по желба на граѓаните.
„Оваа можност ја користам да ги повикам сите архитекти и стручни лица од оваа област, да покажат интерес и да се вклучат во оваа мисија за креирање на нова слика на крајбрежјето, создавање на една нова понуда која ќе ги подобри условите за развој на туризмот и ќе овозможи зачувување на природните богатства“ рече Георгиевски.
Тој рече дека во уредувањето треба да се применат автохтони материјали како што се дрво, камен, стакло, а се забранува употреба на метал, лим, бетон, бехатон, армирано-бетонски и челични конструкции и ѕидови од камен.
Георгиевски смета дека посветеноста на Општината во текот на изминатиот период за исполнување на препораките на УНЕСКО и почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, придонесе да се зачува статусот на заштитено подрачје и да се добие нов дополнителен период за продолжување на сите активности и мерки, кои ќе придонесат, како што кажа, во решавањето на децениските проблеми и ќе обезбедат подобра заштита на долг рок.
„Пред почетокот на туристичката сезона, сите крајбрежни локации каде што спроведувавме активности за отстранување на бесправните објекти беа соодветно уредени од страна на Општина Охрид. Плажите беа секојдневно одржувани во две смени од комуналните служби, со цел да се обезбедат услови за пријатен одмор на гостите. Денеска, пред самиот крај на летната туристичка сезона, може да кажеме дека привремениот концепт за слободно користење на плажите се покажа ефективен и успешен и донесе една новина во понудата на крајбрежјето на Охридското Езеро“ рече Георгиевски.
За сè погласните реакции на граѓаните дека дел од слободните плажи повторно се послани со лежалки и се наплаќа паркинг, а на некои од нив повторно никнуваат шанкови, Георгиевски кажа дека тоа се нелегални девијантни појави кои секојдневно се санкционираат од страна на инспекциските служби.
„Тоа се нелегални девијантни појави коишто инспекциските служби ги санкционираат цело лето. На плажата Славија имаше поставување на лежалки на место каде што Општината дозволи, пред угостителски објекти на одредена квадратура со договори за закуп и поставување на урбана опрема. Доколку сме дале да се поставуваат лежалки на 50 квадрати, а тие поставуваат на 100, тоа се проблеми со кои ние секојдневно се бориме со инспекциските служби. Додека на плажата Горица 3 има една парцела која е вратена со денационализација и е приватен имот и најверојатно таму е поставен тој импровизиран шанк, но и за тоа е потребно одобрение, а сето тоа е без одобрение од Општината“, рече Георгиевски.
Тој додаде дека наплатата на паркинг на Горица 3 е на парцела, приватен имот, вратена со денационализација, а не од страна на Општината.
С. ВРЕНЦОВСКА