ВО МАКЕДОНИЈА 52 НЕДЕЛИ НЕ СЕ ОДЕШЕ ВО ШКОЛО, А ВО ЕВРОПА 24, ДА НЕ ЗАОСТАНУВАМЕ, АПЕЛИРАШЕ ДИ ЏОВАНИ ОД УНИЦЕФ

    ВО МАКЕДОНИЈА 52 НЕДЕЛИ НЕ СЕ ОДЕШЕ ВО ШКОЛО, А ВО ЕВРОПА 24, ДА НЕ ЗАОСТАНУВАМЕ, АПЕЛИРАШЕ ДИ ЏОВАНИ ОД УНИЦЕФУчебната година почнува утре со физичко присуство.- Од ланскиот старт на 1 октомври. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Онлајн учењето се покажа како добра алатка за наставниците, но никогаш не беше предвидено да стане единствената методологија за настава, рече денеска Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава. Таа додаде дека Македонија лани имаше недостиг од 52 недели на учење со физичко присуство, а во Европа таа бројка беше 24 недели.

    „Сакам да ги поттикнам сите, да не заостануваме, да им го обезбедиме образованието на кое децата имаат право“, рече Ди Џовани, која го посети Основното училиште „Лирија“ во скопската општина Чаир со министерката за образование и наука Мила Царовска и првиот вицепремиер Артан Груби.

    Учебната година почнува на 1 септември со физичко присуство. Ослободени од физичка настава може да бидат ученици со ретки болести или попречености, деца од семејства со хронични болести, по барање од родителите, како и од други немедицински причини, а дозвола ќе даде училиштето.

    „Им признаваме на наставниците дека завршија одлична работа со онлајн наставата, многу научивме и нема да се преправаме дека имаме уште за учење. Се радувам дека ја научивме лекцијата од лани и дека утре ќе се отворат училиштата“, рече Ди Џовани.

    На светско ниво, според УНИЦЕФ, од почетокот на пандемијата 900 милиони деца не одеа на училиште.

    Ди Џовани говореше и за загриженоста на родителите како ќе издржат децата со маски за време на часовите и кажа дека нивно истражување покажало оти 88 проценти од наставниците рекле дека учениците немале проблем со следење на наставата, почитувајќи ги заштитните мерки.

    „Тешко е да, тешко е и за нас возрасните, но исто така е важно за нас да бидеме примери за децата и младите. Не само за следење и почитување на мерките, туку дека ја одржуваме безбедна заедницата. Кога е безбедна заедницата, безбедни се и школите“, рече претставничката на УНИЦЕФ.

    Министерот за здравство Венко Филипче денеска повторно апелираше дека е многу важно за децата и учениците да се вратат во учичиште, бидејќи  повторно одлагање на учебната година или учење онлајн е на нивна штета.

    За граѓаните кои од разбирливи причини бараат онлајн настава, министерот Филипче им порача дека доколку се влошува состојбата или вирусот почне да се шири во училиштата, подготвени се алтернативни решенија.

    „Во тој случај, здравјето на децата нема да биде доведено во прашање. Со оглед на тоа што искуството од минатата година покажа дека трансмисијата на вирусот во училиштата беше прилично ниска, нема такви очекувања“, рече Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира