Поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски ќе се кандидира за нов мандат во оваа скопска пштина на претстојните локални избори на 17 октомври. Јакимовски попладнево на својот фејсбук профил објави дека одлучил да влезе во изборната трка за уште еден мандат.
Јакимовски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека одлучил да се кандидира бидејќи 60 отсто од граѓаните не биле задоволни од актуелното општинско раководство и градоначалникот од СДСМ Стефан Богоев. Јакимовски на локалните избори во 2017 како тогашен актуелен градоначалник на Карпош загуби од сегашниот градоначалник Богоев.
„Анкетите покажуваа дека јас имам најголем рејтинг во Карпош. Постојано добивав повици од граѓани и пријатели да се кандидирам и затоа денеска донесов таква одлука“, вели Јакимовски, кој кандидатурата ќе ја поднесе преку матичната партија ГРОМ .
Противкандидат на Јакимовски од СДСМ ќе биде директорот на скопски Водовод Душко Весковски, а ВМРО-ДПМНЕ уште не го објавил нивниот кандидат.
Градоначалник на Карпош Јакимовски беше од 2000-2003 и од 2009-2017.
Јакимовски чека судење за обвинението од август 2018, каде е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувањата, дека како градоначалник дозволил објектот на Општина Карпош каде што е сместена општинската администрација да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектонско-урбанистичка документација.
Последните години од неговата функција беа одбележани со низа граѓански протиести против бетонизацијата на Општината со масовните промени на плановите кои дозволија да се градат блокови висококатници, на кои Јакимовски беше обвиет дека е уништувач на зеленилото и квалитетот на живот во Карпош.
А. АНТЕВСКА