Во почетокот на 2007, Франческо Флаки беше на прагот да стане легенда на Сампдорија. Беше нејзин капитен и имаше постигнато 110 голови и доби повик во италијанската репрезентација. Неговиот живот целосно се промени за неколку часа откако по средбата со Интер на 28 јануари 2007 имаше позитивен тест за кокаин. Веднаш му беа забранети сите активности во фудбалот и доби двегодишна суспензија.
„Изгубив сè во тој момент“, се присетува Флаки.
Две години подоцна, тој одново ја почна кариерата, добивајќи шанса во второлигашите Бреша и Емполи, но вели дека ментално веќе не бил истата личност. Во декември 2009 повторно имаше позитивен тест за кокаин, па заработи 12-годишна суспензија од фудбалот.
Иако се чинеше дека веќе никогаш нема да игра, Флаки се подготвува за нов камбек. Тој ќе има 46 години кога неговата суспензија ќе истече во јануари и планира да се врати на зелените терени во дресот на италијанскиот петтолигаш Сиња 1914.
„Многу сум возбуден што тој датум се доближува. Сè почна како шега, но потоа станавме посериозни. Претседателот на клубот ме задеваше дека сум престар да играм, но почнав да тренирам и ми се враќаат чувствата од старите денови. Не сум стапнал на вистински фудбалски терен веќе 12 години, но јас сум човек од фудбалот и ми недостига таа страст“, вели Флаки.
Тој е свесен дека направил грешки во животот и дека заслужено бил казнет.
„Свесен сум за јавниот срам и за болката што му ја причинив на семејството, за кариерата што сум ја фрлил во ѓубре. Јас не сум жртва, јас направив грешка и не сакам други да одат по тој пат“, вели Флаки.