Можно е да има и жртви во пожарот кој изгоре Ковид-центарот во Тетовската болница. Пред болницата се изнесени неколку колички на кои има тела покриени со бели чаршави, но нема официјална потврда дека станува збор за жртви од пожарот.
Пожарот е изгасен и се подготвува увидот на полициските и пожарните екипи, кои ги растеруваат бројните граѓани што се насобрани околу болницата, од кои многумина учествуваа во гасењето. Пред болницата е и градоначалничката Теута Арифи, која кажа дека уште се очекуваат информации за повредени и загинати во пожарот кој се проширил многу брзо.
Во моментов не се познати причините за пожарот што изби околу 21 часот, а зградата е целосно изгорена.
Во тетовскиот модулаен Ковид-центар има 24 хоспитализирани болни, а во последниве 24 часа има еден починат од Тетово.
На 23 август, некој ја оштети цевката со која Клиничката болница се снабдувала со кислород. За среќа, беа оштетени само една помошна цевка од системот за снабдување со кислород, и една цевка наменета за довод на азотен оксидол. Главната доводна цевка за кислород, која била веднаш до нив и преку која со кислород тогаш се опслужуваа 120 пациенти кои беа хоспитализирани поради ковид-19, за среќа не беше оштетена. На 30 август беше приведен 42-годишен жител на тетовското село Желино под сомнение дека ги оштетил цевките од доводот за кислород во Тетовската болница, но МВР потоа не објави дали е расчистен случајот.
З. АНДОНОВ