Данска денеска ги укинува сите преостанати коронамерки, станувајќи прва држава од Европската Унија која целосно се враќа во претпандемискиот живот.
„Вакцинирањето и силните напори на сите дански граѓани се основата на тоа зошто денес сме во така добра ситуација“, изјави министерот за здравство Магнус Хојнике.
Данските здравствени власти во август го одобрија укинувањето на сите мерки, откако беше заклучено дека вирусот веќе не е критична закана за општеството, што се должи на вакцинирањето и на ниската стапка на сериозни разболувања и смртни случаи од ковид-19.
Ковид пропусница веќе нема да биде потребна за да се влезе во ресторани, спортски центри и ноќни клубови, а децата нема автоматски да се праќаат дома ако имале близок контакт со заразено лице. Само оние кои се заразени ќе мора да бидат во карантин. Училиштата се отворени, а луѓето можат да се вратат на работа во канцеларии. Данска уште на 13 август ја укина мерката за носење маска во јавен превоз.
Покрај тоа што речиси три четвртини од возрасните се целосно вакцинирани, експертите сметаат дека и високото ниво на доверба во општеството има важна улога во успешната данска приказна.
„Ако имате ниско ниво на доверба во властите и во други луѓе, тогаш се потребни строги мерки за справување со коронавирусот“, вели Герт Тингорд, професор по политика на Универзитетот во Архус.