Сушата која трае веќе неколку месеци и техничките интервенции на мавровските хидроцентрали, придонесоа деновиве реката Вардар во Гостивар да изгледа како обична бразда. Во широкото корито на реката, која во овој дел поминува низ градот, се гледаат само камења и купишта отпад кои водата не може да ги однесе. Екстремно ниското ниво на реката многу влијае и врз речниот животински и растителен свет. Рибите се повлекле по долното течение на реката, а водните растенија се исушени.
Реката, која е гордост на Македонија, изгледа повеќе од жалосно, а гостиварци со право реагираат и бараат одговори зашто се дозволило Вардар да остане без вода.
„Од 1 септември до 30-ти ноември се изведува санирање на каналите преку кои доаѓаат водите од дотоците до мавровските хидроцентрали. Минатата година беше завршена првата фаза од санирањето на овие канали, а сега во тек е втората фаза која е неопходна и планирана. На овие канали, кои 50-тина години не се санирани, се врши бетонирање и крпење на пукнатините и поради тоа е запрен дотокот на вода преку нив. Поради санацијата, не работат и мавровските хидроцентрали и водата, па водата наместо во хидроцентралите, а од таму во коритото на Вардар, сега останува во Мавровското Езеро. Ваква ситуација имавме и минатата година, но годинава поради сушната сезона повеќе се чувствува недостигот од вода“, велат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Од изворот кај Вруток, па до Гостивар има само две притоки кои незначително го подигаат нивото на Вардар. Без водата од мавровските хидроцентрали, Вардар кај Гостивар изгледа како мала бразда. На сето ова се надоврзува и човечката негрижа, па на повеќе места во речиси пресушеното речно корито може да се видат фрлени купишта ѓубре.
Гостиварци реагираат со слики и коментари по социјалните мрежи дека вака безводниот Вардар станува можен извор на зарази.
З. АНДОНОВ