Над стотина учесници имаа можност повеќе да се запознаат со еден од култните белези на македонската култура, археолошкиот локалитет Стоби, за време на еднодневната посета на локалитетот како дел од проектот „Мапа на културата“ на „Еуролинк“, која се одржа во саботата.
Археолошкиот локалитет Стоби беше почетна точка на туристичките прошетки што се дел од проектот „Мапа на културата“ и што ќе се реализираат во текот на целата година во неколку етапи и ќе се посетат повеќе локации и знаменитости низ цела Македонија.
„Горда сум што работам со тим што придонесува кон промоција на вистинските вредности, а уште поголемо задоволство ми претставува големиот интерес од нашите граѓани низ целата земја. Мапа на културата 2016 и нејзиното успешно реализирање за нас е од особено значење бидејќи претставува еден прекрасен процес низ кој луѓето го осознаваат светот каков што бил пред нив, надвор од границите на нивното секојдневно живеење. Македонија има многу знаменитости поради кои е ценета надвор од своите граници, па сметам дека е време истите да бидат ценети и од нас самите. Мапа на културата оваа година излезе од рамките на Скопје и започнавме со запознавање и доживување на културниот дух на Македонија“, изјави Олга Костовска, претседател на Надзорен одбор на Еуролинк осигурување.
„Мапа на културата“ е дел од платформата за општествена одговорност „Еуролинк- Вашата врска со вистинските вредности“, чија цел е поддржување и афирмирање на македонската култура, уметност и образование.