Офф-програмата на 42. издание на Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ беше отворена со изложба на скулптури од ѓубре собрано низ Битола.
Иницијативата беше на дружината „Мети си со Класнето“ предводена од професорката Марија Магдалена Петровска–Микаровска која веќе неколку години со учениците волонтерски го чисти градот од ѓубрето што несовесните кои го расфрлаат и оставаат позади нив. Изложбата изработена од млади креативни лица, вчера започна со бидермаер направен од стар накит изложен на Широк Сокак. Потоа следуваше изложба на скулптури во фоајето на Центарот за култура, меѓу кои и Камера 300 направена од делови за возила фрлени во отпад.
„За оваа иницијатива, која некои ја поддржуваат, некои ја игнорират, трети се индиферентни, допрва ќе слушаме. Инспиративна е, поттикнува, воспитува и го менува начинот на размислување кај младите, истите оние млади кои низ скулптурите вечерва тивко ни одржаа лекција. А за два дена , кога ќе светнат рефлекторите и ќе не занесе магијата на филмскиот фестивал, да не забораваме дека на патеката на која една недела ќе биде послан црвениот килим, прво го донесовме ѓубрето, кое ние секојдневно го расфрламе, и нека нѐ потсетува дека со вртење на главата, нема да живееме во почист и поубав град. Но, и дека од секој еден од нас зависи каква приказна ќе пишуваме за Битола“, рече Маја Анкововска- Илијевски, директорка на Центарот за култура во Битола, кој е домаќин на Фестивалот.
Фестивалот отвора утре со премиерата на македонскиот филм „Сестри“ на режисерката Дина Дума. Поради здравствените протоколи, бројот на гости ќе биде намален на 250.
Во главна конкуренција ќе бидат 10 долгометражни и уште толку краткометражни филмови. Меѓу нив два македонски филмови: „Сестри“ од отворањето, ќе се напреварува и во официјалната конкуренција за долгометражен филм, а меѓу краткометражните и филмот „Северен пол“ на битолчанката Марија Апчевска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА