Дел од матичните лекари во земјава не ја добија капитацијата од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и не исплатиле плата, иако помина 15 септември, последниот ден кога може да се исплатат платите, без да се пресметува затезна камата. Ова се однесува за повеќето матичните доктори од Скопје, и сите од Кавадарци и Росоман, реагираше денес на прес-конференција претседателката на Здружението на приватни доктори д-р Лили Чолакова-Дервишова.
„Бараме во името на колегите под итно да се исплати капитацијата за јуни, која до претпладнево не беше исплатена. Нема начин како овие колеги да исплатат плата, редовни трошоци, кирија. Сметаме дека е срамно, понижувачки, дел од матичните доктори, кои се на првата борбена линија, да останат без плата. За тоа време јавната државната администрација зема редовно и навреме плата“, кажа д-р Чолакова-Дервишова.
Докторката додава дека секој месец имало по некој град каде приватните доктори не добивале навреме капитација од Фондот за здравство. Претседателката на Здружението ги отфрли претходните објаснувања од ФЗО дека матичните не знаеле да пишуваат фактури, поради што доцнела капитацијата. Таа кажа дека документите електронски биле креирани од ФЗО, а нив им останувало само да кликнат и ги испорачаат.
Од Фондот за здравство демантираат дека капитацијата за јуни не е пуштена.
„Вчера останав до доцна попладне, за лично да бидам присутен кога се исплати целокупната капитација, за сите приватни доктори. Претходно беше најавено в петок ќе се исплати, но тоа се случи порано. Докторите требало да ги проверат нивните сметки, пред да реагираат, капитацијата за јуни е исплатена“ , ни изјави Ирфан Лимани, директор на секторот за комуникација при ФЗО.
П. ПЕЧКОВ