Изминативе три дена процентот на новозаразени со ковид-19 во училиштата е 0,01, а од 1 септември досега вкупните случаи не надминувааат 0,2 отсто од вкупно 240 илјади ученици, рече денеска министерката за образование и наука Мила Царовска. Според неа, овој процент укажува на стабилност со вирусот во училиштата, но ако Комисијата за заразни болести предложи промена на моделот, Министерството за образование и наука (МОН) ќе го примени.
Бројката е динамична и постојано се менува, рече таа, бидејќи едни оздравуваат од вирусот и се враќаат на училиште, додека други што добиваат позитивни тестови одат во изолација.
„Ние сме во дневна координација со сите здравствени служби и неделно информираме на состаноците на Главниот координативен штаб за состојбите во училиштата. Многу е значајно училиштата последни да се затворат, а први да се отворат и ова не е паушална изјава што ја посочувам како министерка, туку тоа е став на меѓународните организации УНИЦЕФ и ОЕЦД кои се грижат за квалитетот на образованието во сите држави во развој, меѓу кои е и нашата“, кажа Царовска по посетатат на ОУ „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае.
За доследноста во примената на протоколите и дали некаде се почитуваат помалку, рече Царовска, надлежен е Државниот здравствен и санитарен инспекторат и инспекторите на терен.
На 14 септември, Царовска изјави оти „тоа што е особено важно да се потенцира е дека во училиштата до сега нема трансмисија на заразата“.
Во Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК се јавија родители дека изминативе два дена во едно основно училиште во Скопје се појави внатрешна трансмисија на ковид-19.
На нашето прашање до МОН каков е протоколот за настава во оваа ситуација и дали имаат сознанија за други случаи низ земјава, оттаму не кажаа за други случаи, туку кусо ни одговорија дека при појава на ученик или наставник со симптоми на заразата, училиштата постапуваат согласно протоколите и алгоритмите кои им се доставени на училиштата, а воедно и јавно објавени на линкот. Во алгоритмите меѓудругото стои дека епидемиологот од надлежниот Центар за јавно здравје прави епидемиолошка проценка на ризик за можноста од проширување на инфекцијата во одделението/класот или целото училиште.
Б. НЕСТОРОСКА