Шпанската полиција објави дека ја растурила најголемата илегална забава од почетокот на пандемијата, на која се собрале 25.000 млади. Таа се одржала на универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид за да се одбележи почетокот на новата учебна година.
Масовниот собир за пиење алкохол на отворено почнал во петокот, а поради огромниот број присутни, полицијата не успеала да ги избрка сите до седум часот наредниот ден. Снимките од настанот покажуваат дека учесниците не носеле маска, ниту почитувале социјална дистанца.
„Ова е најголемиот ботељон што сме го виделе од почетокот на пандемијата. Без претходно подготвен план, растурањето на масата ќе беше речиси невозможна задача“, изјави портпаролот на полицијата, употребувајќи го шпанскиот термин за ваков тип на забави.
Регионалната влада на Мадрид ќе ги олесни рестрикциите од утре, но масовните собири со пиење алкохол и натаму се забранети, при што казните за учество изнесуваат 500 евра за малолетници и 600 евра за возрасни.