Партијата на Владимир Путин, Обединета Русија, ќе го задржи мнозинството во парламентот и по изборите што се одржуваа во изминатите три дена, и покрај намалената поддршка. Излезните анкети предвидоа убедлива победа на владејачката партија, а по 74% преброени гласови, Централната изборна комисија соопшти дека Обединета Русија освоила речиси 49% гласови, пред Комунистичката партија со 20%.
На најгласните критичари на Путин им беше забрането да учествуваат на изборите, кои ги опишаа како измама. Обединета Русија прогласи победа неколку часа по затворањето на гласачките места.
Иако делумните резултати покажуваат дека партијата на Путин лесно ќе го задржи мнозинството, таа исто така изгубила петина од досегашната поддршка, додека поддршката за Комунистичката партија пораснала за 8% во споредба со изборите пред пет години.
За првпат од 1993 година, гласањето не беше следено од набљудувачите на ОБСЕ. Независната набљудувачка група „Галос“ кажа дека до вчеравечер добила 4.500 пријави за нарушување на изборниот процес, додека руското министерство за внатрешни работи соопшти дека не биле регистрирани значајни нарушувања.
Исходот на изборите нема да ја промени политичката слика во Русија и Путин ќе остане доминантната фигура барем до 2024 година, кога повторно ќе може да се кандидира на претседателските избори.