ВО ТЕТОВО СЕ ПОТРОШЕНИ ПАРИТЕ И НЕМА КОЈ ДА ГИ ЗАЛОВУВА АГРЕСИВНИТЕ КУЧИЊА КОИ ВЧЕРА ИСКАСАА 5-ГОДИШНО ДЕТЕ

    ВО ТЕТОВО СЕ ПОТРОШЕНИ ПАРИТЕ И НЕМА КОЈ ДА ГИ ЗАЛОВУВА АГРЕСИВНИТЕ КУЧИЊА КОИ ВЧЕРА ИСКАСАА 5-ГОДИШНО ДЕТЕОд Ветеринарната служба која го доби тендерот за третман на улични кучиња велат дека пред еден и пол месец парите се потрошија и сега чекаат нов. (Фото: СДК.МК)

    Уличните кучиња во Тетово никој не ги третира, ниту заловува ако се болни и агресивни, бидејќи биле потрошени парите за таа намена за годинава. Вчера, од глутница кучиња беше искаснато петгодишно дете од Мала Речица кое доби повреди по целото тело и главата, но кучињата кои го нападнаа не можат да се заловат за да се види дали се болни и агресивни.

    Општина Тетово, бидејќи нема своја служба за третман на уличните кучиња, ангажира приватна ветеринарна ординација која ги заловува, стерилизира, лекува или еутанизира кучињата. За оваа намена од буџетот беа одвоени 3 милиони денари, што за голема Општина како Тетово е малку. Од приватната фирма која беше избрана на последниот тендер велат дека веќе не ги третираат кучињата скитници, бидејќи се потрешени парите предведени со тендерот.

    „Нашата ветеринарна станица го доби тендерот и за оваа година, но пред еден и пол месец парите се потрошија и сега чекаме Општината да распише нов тендер. Досега сме третирале над 650 кучиња скитници во Тетово и околината, од што само со последниот тендер опфативме над 300. Според бројот на третираните кучиња и цената на третманот кој опфаќа заловување, прочистување и стерилизација и кој во просек изнесува околу 9.000 денари по едно куче, средствата се исцрпени и ние прекинавме со работа. Дали и кога ќе има нов тендер немаме никаква информација“, вели ветеринарот Рами Селмани.

    Селмани не е сигурен дали повторно би се јавил на тендерот ако го распише Општината бидејќи, како што вели, имало многу работа, многу нервози, а и финансиски проблеми. Сепак вели дека вистинскиот начин да се реши проблемот со кучињата скитници е да се направи голем стационар, решение какво се применува во сите развиени земји.

    За таков современ стационар зборува и Општина Тетово, но не кажува кога би се направил и колку пари би чинел.

    „Во подготовка сме на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, финансиран од страна на Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА).  Овој проект има за цел да се осврне на главните предизвици во локалниот развој и да ги поддржи капацитетите на општините, во изработката и имплементацијата на проектите за локален развој. УНДП во моментов бара искусна компанија за проектирање за поддршка на Проектот во изработката на документација за урбанистички и основен проект за изградаба на регионален центар за бездомни кучиња со прифатилиште“, велат од Општина Тетово.

    Според последните информации од СВР Тетово, од почетокот на годинава во Тетовскиот Регион досега биле пријавени 54 каснувања од кучиња скитници, а во Гостиварско 36. Но, од полицијата велат дека овие бројки сигурно се поголеми, бидејќи дел од каснатите луѓе не го пријавувале каснувањето во полиција.

    Од Општина Тетово побаравме и податок колку лица кои биле каснати од кучиња скитници ја тужеле Општината и добиле отштета, но таа информација никој не сакаше да ја соопшти.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира