Националната опера и балет (НОБ) в четврток, 30 септември, ја отвора новата сезона со премиера на операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало. Со оваа изведба, ќе биде промовирана целокупната опрема од инструменти, пултови, светла и озвучување, која е донација од Јапонија.
Директорот на НОБ, Васо Ристов на денешната прес-конференција кажа дека целиот тим се радува што после безмалку две години се враќаат на сцена во полн состав и со премиера.
„Палјачи“ за последен пат премиерно е поставена на 27 февруари 2001 година, а последен пат е изведена на 10 април 2010.
Режисер на претставата е Дејан Прошев, ќе диригира Бисера Чадловска, костимите се на Никола Булески, сценографијата на Илина Ангеловска.
За првпат улогата на Канио ќе ја пее тенорот Ѓорѓи Цуцковски, додека Дешира Ахмети-Крлиу, Горан Начевски и Дејан Стоев по втор пат ќе настапат во улогите на Неда, Тонио и Пепе.
Модниот креатор Булески рече дека се радува и чувствува голем предизвик што во 30-годишната кариера за првпат работи театарски костими.
„Дел од костимите се преработени од фундусот на театарот, дел се изработени од рециклирани материјали, со цел да бидеме еколошки освестени и да работиме на одржливста“, рече Булески.
Б. НЕСТОРОСКА