Џо Бајден ја прими третата доза на ковид вакцината на „Фајзер“, додека во јавноста сè уште постои конфузија за кого таа е наменета и кога треба да се прими. Администрацијата на Бајден се надеваше дека препорачувањето и давањето на третата доза ќе оди полесно.
„Третата доза е важна. Најважната работа што треба да ја направите е да се вакцинирате. Ве молам да се вакцинирате. Тоа може да го спаси вашиот живот и животите на оние околу вас“, изјави Бајден.
И Агенцијата за храна и лекови (ФДА) и Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) ги истакнаа категориите граѓани кои треба да ја примат третата доза и тие се помалку од она што владата се надеваше.
Оние кои се имунизирани со две вакцини на „Фајзер“ или „Модерна“ остануваат добро заштитени од хоспитализација и смрт од ковид-19. Третата доза треба да ја намали преносливоста, но нејасно е колку. Исто така, не се очекува третата доза значително да ја промени траекторијата на пандемијата, туку е поважно што е можно повеќе луѓе да се вакцинираат со првите две дози.
Според ФДА, третата доза се прима шест месеци по втората и наменета е за луѓето над 65 години, како и за помлади кај кои постои поголем ризик да развијат сериозна форма на ковид-19. ЦДЦ кажа кој би требало и кој би можел да ја прими третата доза. Во првата група спаѓаат лицата над 65 години, лицата од 50 до 64 години со хронични здравствени состојби и лицата од 18 до 65 години кои се под постојана грижа. Во втората група влегуваат помладите кои можат да се заразат на работа и имаат хронични здравствени состојби.