Повеќе од 20 пратеници со балкански корени, најмногу од Турција, ќе има во новиот состав на германскиот парламент, а меѓу нив е и Јасмина Хостерт, која изгубила рака во војната во БиХ. Таа е членка на Социајлдемократската партија (СПД), која победи на федералните избори во Германија во неделата и најверојатно ќе го даде новиот канцелар.
Хостерт имала само десет години кога дошла во Германија. Таа ја изгубила десната рака во Сараево во 1993, а бидејќи раната ѝ се инфицирала, морале итно да побараат помош надвор од градот, кој во тоа време беше изложен на секојдневни гранатирања. Во Бон стигнала само со татко ѝ и вели дека почетоците им биле многу тешки.
„Без познавање на јазикот и без какви било контакти, не знаевме како ќе ни тече животот понатаму и дали воопшто ќе останеме во Германија. Беше многу позитивно што брзо почнав да одам на училиште“, вели Хостерт.
Таа додава дека тоа ѝ помогнало да се интегрира во германското општество, но повеќе од десет години чекала да добие државјанство.
Хостерт дипломирала политички науки, а пред 12 години се зачленила во СПД и првпат беше кандидатка за пратеничка на изборите во 2017.
„Моето семејство и натаму живее во Сараево и го посетувам градот најмалку еднаш годишно“, вели Хостерт.