НИ ГЕРМАНСКАТА, НИ НАШАТА ЛАБОРАТОРИЈА СÈ УШТЕ ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ ГИ ПРАТИЛЕ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ВЕШТАЧЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА

    НИ ГЕРМАНСКАТА, НИ НАШАТА ЛАБОРАТОРИЈА СÈ УШТЕ ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ ГИ ПРАТИЛЕ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ВЕШТАЧЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦАИспитувањата на земените примероци од местото на пожарот уште траат, а Обвинителството нема да шпекулира без резултати од двете вештачења, велат оттаму (Фото:СДК.МК)

    Обвинителите кои ја водат истрагата за пожарот со 14 загинати во модуларната ковид-болница во Тетово што се случи на 8 септември, не добиле резултати од вештачењата ниту од форензичката лабораторија во МВР, ниту од таа во Германија. Испитувањата уште траат.

    „Додека не ги добиеме резултатите од вештачењата, ние немаме причина за пожарот во кој изгореа 14 лица, а објектот беше целосно уништен. Обвинителството без тие резултати не може да каже од што избувна тој. До нас нема стигнато извештај ниту од МВР, ниту откај германските експерти. Вештачењата од земените траги од местото се уште траат. А и да добиеме од едната лабораторија, ние мора да ги имаме резултатите од вештачењата од двете, па потоа да излеземе во јавноста за тоа што утврдила истрагата. Чекаме“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Јавното обвинителство на Македонија.

    Паралелно со вештачењето во две лаборатории, се проверуваат и документите за квалитетот и стандардите на болницата која изгоре сосе 14 лица затекнати внатре, повеќето пациенти. Документацијата за изградбата на модуларните болници е на неколку десетици илјади страници, на англиски јазик, се чита, а кај треба и се преведува, велат од Обвинителството.

    Во меѓувреме се проверуваат безбедносните камери од Тетовската клиничка болница, но и од околните куќи, што е потребно да се види дали пожарот е подметнат.

    „Без овие елементи, не само што не може да се утврди причината за пожарот, туку Обвинителството во моментов не може со сигурност да посочи ниту одговорност кај некого, односно да осомничи и обвини“, велат од ЈОРМ.

    Обвинителството за организиран криминал и корупција, пак, ја проверува законитоста на тендерите за градба на сите модуларни болници во државата, со изгорената во Тетово.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира