„ПАНДОРИНИ ДОКУМЕНТИ“ ГО ОТКРИВААТ ТАЈНОТО БОГАТСТВО НА СВЕТСКИ ЛИДЕРИ И ПОЛИТИЧАРИ, СЕ СПОМЕНУВААТ ПУТИН, БЛЕР, ЃУКАНОВИЌ, ЈОРДАНСКИОТ КРАЛ…

    „ПАНДОРИНИ ДОКУМЕНТИ“ ГО ОТКРИВААТ ТАЈНОТО БОГАТСТВО НА СВЕТСКИ ЛИДЕРИ И ПОЛИТИЧАРИ, СЕ СПОМЕНУВААТ ПУТИН, БЛЕР, ЃУКАНОВИЌ, ЈОРДАНСКИОТ КРАЛ…Чешкиот премиер Бабиш преку офшор компанија купил две вили во Франција вредни 22 милиони долари (Фото: АП)

    Тајните богатства и зделки на светски лидери, политичари и милијардери се откриени во едно од најголемите протекувања на финансиски документи досега. Околу 35 сегашни и бивши светски лидери и повеќе од 300 функционери и јавни личности се вклучени во документите за офшор компании, наречени „Пандорини документи“.

    Тие го поврзуваат Владимир Путин со тајни средства во Монако и покажуваат дека чешкиот премиер Андреј Бабиш преку офшор компанија купил две вили на југот на Франција вредни вкупно 22 милиони долари. Според објавените податоци, бившиот британски премиер Тони Блер заработил 312.000 фунти така што не платил данок за купување канцеларии во Лондон, купувајќи ја и офшор компанијата која била сопственик на зградата.

    „Пандорини документи“ содржат повеќе од 11,9 милиони извештаи, што Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, мрежа на новинари и медиумски организации со седиште во Вашингтон, ги сподели со водечките светски медиуми. Тој не објави како дошол до сите овие податоци.

    Во нив стои дека јорданскиот крал Абдула тајно собрал недвижности во САД и Велика Британија во вредност од 70 милиони фунти, додека азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и неговото семејство тајно биле вклучени во зделки за недвижности во Велика Британија од над 400 милиони фунти. Тие оствариле профит од 13 милиони фунти кога продале една од своите недвожности во Лондон на компанијата на британското кралско семејство.

    Документите откриваат дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ги префрлил своите средства во тајна офшор компанија пред да победи на изборите во 2019 година, а се споменуваат и пејачката Шакира и топ моделот Клаудија Шифер.

    Во документите ги има и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и неговиот син Блажо, за кои се вели дека префрлувале пари на офшор сметки во Велика Британија, Швајцарија, Панама, Гибралтар и Британските Девствени Острови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира