Фејсбук, Инстаграм, Месинџер и Вотсап се соочуваат со еден од најголемите прекини во работата досега. Сите четири услуги се во сопственост на „Фејсбук“ и не може да им се пристапи и од компјутер и преку смартфон апликациите.
„Даундетектор“, кој следи вакви прекини, објави дека има речиси 80.000 пријави на Вотсап и повеќе од 50.000 на Фејсбук. Податоците од сајтот сугерираат дека прекинот се случува низ цел свет.
Проблемите со пристапот почнале околу 17 часот по македонско време, а сервисите на „Фејсбук“ целосно паднале 40 минути подоцна.
„Свесни сме дека некои луѓе имаат проблем да пристапат до нашите апликации и производи. Работиме на тоа да ги вратиме работите во нормала најбрзо што може“, објави „Фејсбук“ на ривалската социјална мрежа Твитер.
Од компанијата не ја кажаа официјалната причина за прекинот.