„А1 Македонија“ објави дека постави 5Г мрежа во центарот на Скопје заради финално тестирање, со што дојде чекор поблиску до комерцијално воведување на оваа технологија за сите корисници.
„Поставувањето на пробната 5Г мрежа е уште еден доказ за нашата посветеност и стратешка определба за креирање и воведување најсовремени дигитални решенија. Ова е само почеток на новата индустриска револуција. Продолжуваме понатаму со интензивни активности за што побрза имплементација на оваа технологија за комерцијална употреба”, изјави Методија Мирчев, извршниот директор на „А1 Македонија“.
Новата 5Г мрежа ќе овозможи поголеми брзина и капацитет, помала латенција и поголема мрежна покриеност во преносот на податоци. Со ова финално тестирање достигната е брзина од 1Gbps за пренос на податоци, реализирано на мобилен телефон кој поддржува 5Г мрежа.
„A1 Македонија“ кон крајот на 2019 успешно ја заврши првата фаза на тестирање на 5Г технологијата во лабораториски услови, што ги потврди очекувањата и нејзините можности во насока на остварување огромни брзини, многу ниски латенции и можност за поврзување на интернет на огромен број уреди.