Најмалку 50 луѓе загинаа кога бомбаш самоубиец се разнесе во џамија во авганистанскиот град Кундуз.
Досега ниедна група не ја презеде одговорноста за нападот во џамијата што ја користат припадниците на малцинската шиитска заедница, која во минатото често беше цел на Исламска држава.
„Во нападот има најмалку 100 загинати и повредени. Најголем дел се мртви“, изјави заменик шефот на полицијата на провинцијата Кундуз, Дост Мохамад Обаида.
Експлозијата се случи за време на петочна молитва, кога во џамиите вообичаено има многу луѓе. Ова е најсмртоносниот напад во Авганистан откако Талибанците ја презедоа контролата врз целата земја.