Ковид пропусница од денеска е задолжителна за сите работни места во Италија, што би можело да доведе до протести и блокади, особено на транспортните работници и на пристаништата, каде што стапката на вакцинирање е доста ниска.
Иако повеќе од 85% Италијанци постари од 12 години имаат примено барем една доза, околу три милиони италијански работници и натаму се невакцинирани. Задолжителната ковид пропусница за сите работни места е една од најстрогите антиковид мерки на светот.
Работник без ковид пропусница се соочува со неплатено отсуство од работа и со казна од 1.500 евра.
Две третини од Италијанците сметаат дека оваа мерка е неопходна, според истражувањето на јавното мислење што оваа недела го спроведе „Ипсос“, но денеска се очекуваат нови протести и најавени се работнички штрајкови.
Во пристаништето во Трст, каде што се вакцинирани само 40% од 950 работници, се најавуваат блокади и прекини во ланецот на снабдувањето, а во Милано, нарушувања на јавниот превоз. Има најави и за протести на аеродроми, автопатишта и на железнички линии.
„Време е да ја запреме економијата, што е можеби единствениот начин да ѝ покажеме на владата дека многу луѓе се мачат. Многумина ќе останат без плата само затоа што одлучиле да не се вакцинираат“, изјави портпаролот на синдикатот на пристанишните работници Стефано Пуцер.
Ковид пропусницата служи како доказ дека лицето е вакцинирано против ковид-19, ја прележало болеста или има негативен тест.