Лидерите на Социјалдемократите (СПД), Зелените и на Слободните демократи (ФДП) објавија дека ќе им предложат на своите партии да ги почнат и формалните преговори за составување на новата германска влада.
„Убедени сме дека можеме да постигнеме амбициозен и остварлив коалициски договор. Првичните разговори беа исполнети со доверба, почит и заемно разбирање. Сакаме да го продолжиме тоа“, кажаа тие во денешната заедничка изјава.
Ова е важен чекор во формирањето на нова влада, што во Германија може да трае со месеци. Ако биде постигнат договор, Германија првпат ќе има владејачка коалиција со три партии, а лидерот на СПД и сегашен министер за финансии, Олаф Шолц, ќе биде новиот канцелар.
На изборите на 26 септември, СПД освои 25,7% гласови, при што Зелените и ФДП станаа клучни партии за формирање коалиција. Зелените соопштија дека ќе мора да одржат мал партиски конгрес за да го одобрат планот.