Изборниот молк, ќе трае и по 19 часот, т. е. додека гласаат сите кои дошле во објектите, вели претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски, додавајќи оти таа одлука е согласно Изборниот законик, т. е. дека молкот трае сѐ додека трае гласањето. Тој и претходно кажа дека поради метежот со проверките на податоците на гласачите, гласањето ќе продолжи за сите кои се нашле во дворот на гласачкото место и после 19 часот. Оградата ќе се затвори, и сите кои ќе бидат затекнати во дворот ќе гласаат.
До 17 часот гласале 542.284 граѓани или 41.38 отсто, според податоците од 2.545 места или 73.13 отсто од избирачките места.
„Добивме информации дека на некои избирачки места, некои членови престанале да спроведуваат гласање со уредите со отпечаток од прст. Тоа се незаконски одлуки, и сугерираме да продолжат со гласање со уредите. Во спротивно, гласањето ќе биде поништено и тие ќе бидат санкционирани, оти тоа го направиле без одобрување од ДИК“, рече Даштевски.
На стариот начин, поради технички проблеми, денеска се гласа на четири избирачки места во: Ново Село, Старо Нагоричане, Студеничани, Чаир и на две во Чучер-Сандево.
Б. НЕСТОРОСКА