Бугарија денеска регистрираше рекорден број новозаразени и починати од ковид-19, додека четвртиот бран на пандемијата ги исцрпува можностите на здравствениот систем на земјата која има најмал процент на вакцинирани во Европската Унија.
Во изминатите 24 часа се потврдени 5.863 нови случаи на зараза, а починале 243 лица. Од почетокот на епидемијата, ковид-19 однесол 23.316 животи во Бугарија.
Соочувајќи се со зголемувањето на бројките и со бавното вакцинирање, Бугарија воведе задолжителна ковид пропусница за влез во повеќето затворени места. Новите рестрикции предизвикаа протести, додека некои политички партии ја обвинуваат привремената влада дека лошо се справува со пандемијата во пресрет на новите избори на 14 ноември.
Според денешните бројки, на ковид одделенијата во бугарските болници има над 7.100 пациенти, од кои 608 на интензивна нега. Повеќе од 90% од нив не биле вакцинирани.