Иницијативата „Шанса за Центар“ која освои три советнички места во Советот на Општина Центар, ги повика на јавна дебата политичките партии што освоија места во Советот, на која би постигнале консензус околу приоритетите и развојните цели за Центар, но не дојдоа кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ Наташа Котлар и од Левица Андреа Јанков, како и избраните советници од нивните листи.
Од двете партии откажале во последен момент, иако, како што велат организаторите претходно два пати потврдиле дека ќе учествуваат во дебатата што се одржа во културниот центар „Јадро“ во Дебар Маало.
Во Советот на Центар СДСМ има освоено 9, ВМРО-ДПМНЕ 8, а Левица и независната листа „Шанса за Центар“ по три советнички места. В недела в вториот изборен круг ќе се избира градоначалник меѓу кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Горан Герасимовски и Наташа Котлар – Трајкова.
Бидејќи никој во општината нема чисто мнозинство, од „Шанса за Центар“ рекоа дека нема да градат коалициско партнерство со одредена политичка партија, туку ќе бидат коалициски партнер секому, а ќе бараат и соработка околу решенија базирани на вредности и квалитетни анализи кои ќе водат кон развој на Општината. Токму тоа и беше идејата за оваа средба, велат тие – да ги забележат точките од програмите околу кои сите се согласуваат.
На дебатата на која дојде кандидатот за градоначалник од СДСМ Горан Герасимовски и двајца избрани советници беа поставени разни прашања и решенија, како на пример од урбанистичко планирање, број на вработени во Општината, стручни комисии, конкурси и транспарентност на Општината.
„Општина Центар не смее да се потпира на трансфери на централната власт, нам мора да ни се врати данокот на имот, кој ќе ја одржува Општината, а не да се води како данок на специфични услуги“, рече Јана Белчева-Андреевска, носителка на листата на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Во однос на расходите на Општината, според кандидатот за градоначалник на СДСМ Горан Герасимовски, потребна е функционална анализа на расходите на Општината, со нова систематизација.
Б. НЕСТОРОСКА