„Мерк“ им дозволи и на други фармацевтски компании низ светот да го произведуваат нејзиниот лек против ковид-19, што ќе го направи подостапен за милиони луѓе во посиромашните земји, објави Медисинс патент пул, здравствена организација поддржана од Обединетите нации. Таа кажа дека потпишала договор за лиценцирање на „молнупиравир“ со „Мерк“ и нејзиниот партнер „Риџбек“, со што ќе може да им одобрува лиценци на квалификувани компании да го произведуваат лекот.
И покрај повиците од влади и меѓународни организации, досега ниеден производител на ковид вакцини не се согласил на ваков договор.
„Молнупиравир“ е првото орално лекарство кое се покажало делотворно за лекување на ковид-19. „Мерк“ побара одобрување за лекот од Агенцијата за храна и лекови на САД и од Европската агенција за лекови и одлуката се очекува во наредните недели.
Овој месец, „Мерк“ објави дека „молнупиравир“, кој може да се зема и дома, за 50% ги намалува шансите за хоспитализација и смрт кај пациентите со рани симптоми на ковид-19.