Солзи, прегратки и смеа го исполнија меѓународниот аеродром во Сиднеј откако Австралија денеска ги отвори своите граници за првпат по 20 месеци, овозможувајќи им на луѓето да се видат со роднини и пријатели по долго време.
„Голема работа е самото тоа што не мора да одиме во карантин по доаѓањето. На летот имаше доста луѓе кои дојдоа да се видат со блиски кои се пред умирање“, изјави Карли Бојд, која допатува од Њујорк.
Засега само австралиски државјани смеат да влегуваат во земјата, исто како и целосно вакцинирани патници од Нов Зеланд кои имаат негативен тест на заминувањето. Од 21 ноември, и вакцинираните жители на Сингапур ќе можат да патуваат во Австралија.
„Австралија е отворена. Австралијците повторно патуваат“, изјави премиерот Скот Морисон.
Авиокомпанијата „Квантас“ ги обнови летовите од Сиднеј до Њујорк и Лос Анџелес.
Земјите од азиско-пацифичкиот регион имаа воведено некои од најстрогите ограничувања и мерки во пандемијата на ковид-19, но почнаа внимателно да се отвораат откако го забрзаа вакцинирањето и се намали бројот на заразени. Кина и Јапонија останаа затворени за остатокот на светот, додека Тајланд од денеска исто така почна да прима туристи од повеќе од 60 држави.