Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека македонскиот премиер Зоран Заев поднел оставка поради неговото лично разочарување од ЕУ, објавија српските медиуми.
„Зборував и со луѓето од регионот, со Еди Рама, ќе можеме ли и како да ја засилиме иницијативата ‘Отворен Балкан’. Оставката на господинот Заев не е резултат на локалните избори, туку и на неговото лично разочарување од разговорите со ЕУ. Рекоа дека ако го потпише Преспанскиот договор Северна Македонија ќе добие отворање на преговорите со ЕУ, а тоа не се случи“, изјави Вучиќ во Глазгов, каде што учествува на Самитот за климатски промени.
Вучиќ кажа и дека по оставката на Заев остануваат многу прашања околу тоа како ќе се развиваат работите во наредниот период, односно дали ќе има нови избори или ќе остане актуелното мнозинство, дали ќе се менува односот кон Бугарија и дали ќе дојде до заострување на политичките прилики во Северна Македонија.
Заев, Вучиќ и Рама требаше на 3 и 4 ноември да имаат состанок во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, но Заев денеска ја откажа посетата на Белград, откако синоќа по вториот круг од локалните избори поднесе оставка како премиер и лидер на СДСМ.
„Заев нема да оди на состанокот во Белград согласно политичката ситуација“, изјавија од Владата за САКАМДАКАЖАМ.