ПОРАЗОТ НА ЗАЕВ Е ПОРАЗ И НА ЕУ, КОМЕНТИРА ГЕРМАНСКИОТ ВЕСНИК „ФРАНКФУРТЕР АЛГЕМАЈНЕ ЦАЈТУНГ“

    ПОРАЗОТ НА ЗАЕВ Е ПОРАЗ И НА ЕУ, КОМЕНТИРА ГЕРМАНСКИОТ ВЕСНИК „ФРАНКФУРТЕР АЛГЕМАЈНЕ ЦАЈТУНГ“„Веројатно премиерот во заминување Заев ќе биде последниот премиер во регионот кој беше подготвен, за т.н. европска перспектива на неговата земја да презема огромни политички ризици врз себе. - Заев и поранешниот грчки премиер Ципрас. (Фото: СДК.МК)

    Оставката на Зоран Заев е лоша вест за Брисел, анализира германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ). Весникот прогнозира дека Никола Димитров е кандидат за технички премиер на новата влада, пренесува Дојче Веле на македонски.

    ФАЦ, по најавената оставка на премиерот, неговото владеење го сулимира во една реченица: „Кога Зоран Заев ја презема власта во 2017, Македонија беше безбедносно-политички изолирана земја. Од 2020 година, Северна Македонија е членка на НАТО. Притоа, весникот упатува на еден важен аспект: „Клучно за мандатот на Заев не беше само тоа што му успеа, туку многу повеќе, тоа што му беше ускратено“. На Заев му успеа да постигне компромис со Грција и да го смени името во Северна Македонија „со еден храбар и одважен внатрешно-политички маневар“.

    „Но неговата храброст не беше наградена, или во најмала рака само со утешната награда за членство во НАТО. Неговата главна политичка цел, почетокот на преговорите со ЕУ, Заев ја пропушти. Тоа не беше негова вина, напротив. Случајот на Заев е школски пример за регионот. Веројатно премиерот на Северна Македонија во заминување ќе биде последниот премиер во регионот кој беше подготвен, за таканаречената европска перспектива на неговата земја да презема огромни политички ризици врз себе. Затоа, поразот на Заев може да важи и за пораз на ЕУ и на нејзината досегашна политика на проширување на Балканот“, пишува ФАЦ.

    Поразот на СДСМ на локалните избори, како и фактот дека ДУИ го загуби Тетово, заокружено со оставката на Заев, остава малку шанси дека актуелната влада ќе издржи до редовниот термин за парламентарни избори во 2024 година, пишува понатаму ФАЦ, и потсетува на тенкото мнозинство од 62 пратеници во парламентот на „хетерогената коалиција”.

    „Тоа може да ја врати на власт националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Доколку дојде дотаму, тоа ќе значи крај на една политичка епизода на Балканот, која има големо значење и за прашањето за тоа каква улога игра ЕУ во регионот и на кој начин може да ги наметне своите интереси наспроти актери како Русија или Кина.”

    „Заев фрли се на европската карта. Тоа што неговата партија на локалните избори доживеа тежок пораз има врска и со лошото локално раководењ е- соговорник од Скопје зборува за ‘комбинација на неспособност и ароганција’. Но поразот не може да се гледа само низ призмата на лошата локална политика. Тој е дел од еден поширок развој. Доколку ЕУ ги исполнеше ветувањата кон Заев, и Северна Македонија ги започнеше преговорите за членство, атмосферата во земјата веројатно ќе беше поинаква”, заклучува ФАЦ.

    Заев во неделата вечерта после поразот на локалните избори на прес-конференцијата во партиското седиште кажа дека поднесува оставка од функцијата премиер и лидер на СДСМ. Заев кажа дека не треба да има вонредни избори и дека парламентарното мнозинство и Владата треба да продолжат да работат, само со нов премиер.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира