БУГАРИЈА МОРА ДА ГИ СПРОВЕДЕ ПРЕСУДИТЕ ЗА ПРЕКРШУВАЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА, AMA НИЕ НЕ MOЖЕМЕ ДА ЈА ПРИСИЛИМЕ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДОТ ВО СТРАЗБУР

    БУГАРИЈА МОРА ДА ГИ СПРОВЕДЕ ПРЕСУДИТЕ ЗА ПРЕКРШУВАЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА, AMA НИЕ НЕ MOЖЕМЕ ДА ЈА ПРИСИЛИМЕ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДОТ ВО СТРАЗБУРЕвропскиот суд за човекови права суд нема извршна моќ, нема извршни овластувања да го следи извршувањето на своите пресуди како што имаат националните судови во националните системи. - Претседателот на судот Роберт Спано (Фото: Министерство за правда)

    Претседателот на Европскиот суд за човекови права и слободи Роберт Спано вели дека секоја земја членка на Советот на Европа е обврзана да ги спроведува пресудите на судот, но тие како суд не се извршно тело и немаат овластување да го следат спроведувањето на своите одлуки, одговарајќи на новинарско прашање за 16-те пресуди на Судот во Стразбур против Бугарија за прекршување на правата на македонското малцинство, вклучувајќи го правото на здружување.

    „Општото начело е сосема јасно, тоа е дека секоја земја членка на Советот на Европа е обврзана со Конвенцијата да ги спроведува пресудите на Судот. Во голем број пресуди Судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на Судот во духот на Конвенцијата“, изјави Спано на денешната заедничка прес-конференција со министерот за правда Бојан Маричиќ, во Скопје.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, дали Судот во Стразбур има механизми на присилба за спроведување на пресудите, тој одговори дека нема и дека за спроведувањето на одлуките е надлежен Комитетот на министри.

    „Кога Европскиот суд изрекува пресуда, ако смета дека државата е одговорна за прекршување на правата и треба да плати отштета, изрекува таква пресуда во која се смета дека државата е одговорна и секако дека може да имате слични пресуди кои се однесуваат на слични кршења на правата од страна на државата и судот повторно ќе донесе такви свои одлуки. Следењето на спроведувањето на одлуките, дали преку промена на националните закони или дали државата ја платила отштетата, тоа го следи Комитетот на министри. Самиот суд нема извршна моќ, нема извршни овластувања да го следи извршувањето на своите пресуди како што имаат националните судови во националните системи. Во рамки на Советот на Европа имаме точна дистинкција меѓу Европскиот суд како тело кое носи пресуди и Комитет на министри кое е извршно тело, односно се грижи за извршување на истите“, вели Спано.

    Комитетот на министри на Советот на Европа го сочинуваат министрите за надворешни работи на земјите членки и тој се состанува еднаш годишно.

    На последниот состанок, во јуни годинава, Комитетот на министри го разгледуваше спроведувањето на пресудите против Бугарија и изрази загриженост што и по 15 години од првата пресуда на Судот во Стразбур против Бугарија за одбивањето да го регистрира здружението ОМО Илинден, на здруженијата кои се борат за признавање на македонското малцинство во Бугарија, постојано им се одбива регистрацијата.

    Советот на Европа има 47 земји членки. Македонија претседаваше со Комитетот во 2010 година, а актуелен претседавач е Унгарија.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира