ЗАЕВ ЗАСЕГА НЕ ДАВА ОСТАВКА, РЕЏЕПИ ОД АЛТЕРНАТИВА ИЗЛЕЗЕ ОД СПИСОКОТ НА МИЦКОСКИ, СЕГА СИЛИТЕ ВО ПАРЛАМЕНТОТ СЕ 60:60

    ЗАЕВ ЗАСЕГА НЕ ДАВА ОСТАВКА, РЕЏЕПИ ОД АЛТЕРНАТИВА ИЗЛЕЗЕ ОД СПИСОКОТ НА МИЦКОСКИ, СЕГА СИЛИТЕ ВО ПАРЛАМЕНТОТ СЕ 60:60Пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи на прес-конференција во Собранието. (архивска фотографија)

    Премиерот Зоран Заев нема намера да поднесе оставка до Собранието, според информациите на САКАМДАКАЖАМ.МК, а особено не по денешната изјава на пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива, кој кажа дека неговиот потпис на новото парламентарно мнозинство, бил злоупотребен.

    Тој во изјава за ТВ Алсат-М денеска кажа дека партијата е за рушење на актуелната власт, но не по секоја цена.

    „Немаме мандат да им служиме на антиалбанските интереси. Мојот потпис нема да стои тука“, вели Реџепи и остави простор од новото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ кое треба да ѝ изгласа недоверба на Владата на Заев, да се повлечат и останатите тројца пратеници од Алтернатива, бидејќи, според него, тоа што го кажа е став на партијата.

    Тие пак, засега молчат. Без Реџепи, сега соодносот на старото и најавеното ново мнозинство, во Собранието е 60 спрема 60 пратеници. За да ѝ се изгласа недоверба на Владата, треба 61 пратеник.

    Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ се подготвува денеска да ја поднесе до Собранието иницијативата за доверба на Владата на Зоран Заев. Оттаму се цврсто убедени дека има 61 пратеник што ќе изгласаат недоверба.

    Извори во СДСМ велат дека сè поизвесно е оти Заев нема да поднесе оставка, туку ќе го чека барањето за доверба. Ако не му биде изгласана, прогнозираат во СДСМ, тој ќе се врати. Во смисла, велат соговорниците, ќе продолжи онаму кај што застанал.

    Едната опција е да си поднесе дури тогаш оставка, за да се формира нова влада со нов премиер, од актуелното мнозинство на СДСМ и ДУИ.

    Втората опција ако преживее ова парламентарно мнозинство, е сè да остане по старо, со премиер Заев, но ако се обвистинат сигналите од Брисел дека во декември Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, како паралелен процес со преговорите за решавање на проблемите што смета дека ги има Бугарија со нас.

    Заев најави дека ќе поднесе оставка како премиер и лидер на СДСМ вечерта по вториот круг од локалните избори на 31 октомври. На 5 ноември, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави дека има ново мнозинство во Собранието, составено од неговата партија, Беса, Алијанса, Алтернатива и Левица.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира