Сè поголеми површини од дното на Охридското Езеро остануваат без вода. Моменталното ниво, иако е на дозволената природна кота 693,14 метри утврдена со Билатералниот договор со Албанија, е загрижувачко оти е на само 4 сантиметри над минимално дозволеното ниво од 693.10 метри, односно 12 сантиметри пониско од просекот за ноември кој изнесува 693,26 м.н.в.
Охриѓани се убедени дека ваквата состојба е последица на неконтолираниот испуст за производство на електрична енергија на реката Црн Дрим во Струга. Од АД Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ), пак, велат дека одговорно управуваат со испустот на вода, обврзани со одредбите од Водостопанската дозвола издадена од надлежниот орган. Се води и сметка за минималната кота која изнесува 693.10 м.н.в и која обезбедува биолошки минимум и таа нема да се надмине.
Екологистите се загрижени за состојбата и велат дека ваквиот долг период на намален водостој може да доведе до еколошка катастрофа. Тие сметаат дека влијание врз намалениот водостој покрај временските прилики има и човечкиот фактор, со регулирање на нивото преку испуштање на водата со отворање на портите кај истекот на реката Црн Дрим во Струга, за потребите за производство на електрична енергија. Бараат итни мерки за заштита на Езерото.
„Поради лични интереси со испуштање на водата преку Црн Дрим за хидроцентаралите се врши екокатастрофа на Охридското Езеро, со тоа што се уништува и растителен и животински свет. Сметаме дека треба да се стави крај на таа појава и да се ограничи една одредена кота која нема штетно да влијае врз екосистемот“, вели Борис Џајкоски од еколошкото друштво „Грашница“.
Од Хидробиолошкиот завод Охрид во септември за САКАМДАКАЖАМ рекоа дека управувањето со испустот на вода од Охридското Езеро за потребите на ЕСМ треба да биде регулирано од посебно тело кое има сеопфатни сознанија, а не од истата организација која што постојано произведува струја. Со ваков регулативен систем, додаваат оттаму, се овозможува во даден момент голем пад на самото езеро, а со тоа и влошување на состојбите во крајбрежните региони.
Лани во ноември езерото бележеше драматично намалено ниво кое достигна кота од 693,10 метри, што е за 7 сантиметри под дозволената природна кота.