Јавното претпријатие „Паркинзи Општина Центар“ (ПОЦ) ќе има нова дејност за одржување на јавната хигиена низ општината. Со тоа, покрај одржување на паркиралиштата и казнување за неправилно паркирање, претпријатието ќе ги чисти и мете улиците, парковите и плоштадите низ Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека веќе разговарал со директрот на ПОЦ Васко Кичевски за првичните постапки кои треба да се направат во претпријатието, за да се одвои и зајакне секторот јавна хигиена во посебен нов сектор.
„Првично, треба да се дефинира новата структура на претпријатието и постапките за префрлање на хигиеничарите кои се вработени и механизацијата во ПОЦ. Потоа ќе се направи структура за потребните одделенија, број на координатори, поделба на општината на реони и проценка на потребните капацитети. Со ваков пристап, ќе бидеме сигурни дека ќе располагаме со доволно ресурси и прецизен план на работа за да ја одржуваме општината чиста. Анализата за структурата на новиот сектор ќе започне да се прави наредната недела, а по одлука на Советот ќе се започне со нејзино спроведување“, вели градоначалникот Герасимовски, и додава дека очекува тоа да профункционира наредната година откако ќе се предвиди буџет за дополнителната дејност.
За успешно функционирање на претпријатието потребно е да се набави и соодветна механизација. До крајот на февруари треба да се набави нова цистерна за чистење на улиците, а ќе се набават и три метларки и дополнително една помала за чистење на пешачките зони.
Герасимовски вели дека ќе се формираат и таканаречени маалски патроли, кои ќе бидат задолжени за грижа и заштита од уништување на јавното добро и урбаната опрема.
А. АНТЕВСКА