Во 16 часот денеска, кога по две големи и споени паузи продолжи седницата за Недоверба на владата во Собранието, се прекина повторно, зашто и со двајцата пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои дојдоа во скафандери од ковид изолација, немаше кворум за работа. Потпретседателот на Собранието Фадил Зендели од движењето Беса и службите изброија само 60 пратеници во салата, а треба најмалку 61.
Поради немање кворум, Зендели повторно даде пауза, до обезбедување на кворумот, како што рече.
Претходно, лидерот на Беса Билал Касами кажа дека пратеникот што недостасува од неговата партија, Кастриот Реџепи, е неконтактибилен за него два дена. Оттаму, Касами се посомнева дека со слободна волја ја напишал обкавата на Фејсбук дека меѓу хаос и политичка криза, се определува за датум за пристапни преговори со ЕУ, за што до него дошле сигнали од странски дипломати.
Касами кажа дека како човек, дури и помислил дека некој можеби Реџепи го држи некаде против негова волја, зашто тој никако не може да се добие на телефон.
Ако не се изгласа до полноќ недоверба, седницата за доверба на владата завршува, владата на Зоран Заев останува, а за следно гласање за доверба на владата треба да поминат 90 дена.
С. К. ДЕЛЕВСКА