Австрија е на прагот да го воведе првиот карантин за сите кои не се целосно вакцинирани против ковид-19, откако денеска беше забележан рекордниот број новозаразени. Провинцијата Горна Австрија ќе ги воведе рестрикциите в понеделник ако добие дозвола од федералната влада, а ќе ја следи Салцбург.
Канцеларот Александер Шаленберг кажа дека воведувањето национален карантин за невакцинираните е веројатно неизбежно. Тој појасни дека на невакцинираните би им било забрането да излегуваат од дома, освен за суштинските потреби.
Горна Австрија, која граничи со Германија и Чешка, ја има највисоката стапка на зараза и најниската стапка на вакцинирање во земјата.
Во целата Австрија денеска се потврдени рекордни 11.975 нови случаи на коронавирус и здравствените власти предупредија на закана која мора сериозно да се сфати. Седумдневната инциденца во Австрија е далеку поголема од онаа во Германија, која денеска за првпат надмина дневна бројка од 50.000 новозаразени.
И Холандија се соочува со пораст на бројот на заразени и владиниот кризен штаб предложи воведување двонеделен делумен карантин.