ЈАС СУМ ТИ ТЕБЕ ШЕФ, ОДГОВАРААТ ВРАБОТЕНИ ВО УПРАВАТА ЗА МАТИЧНИ КНИГИ НА СТРАНКИ АКО ПРАШААТ ЗОШТО НИКОЈ НЕ НОСИ МАСКА

    ЈАС СУМ ТИ ТЕБЕ ШЕФ, ОДГОВАРААТ ВРАБОТЕНИ ВО УПРАВАТА ЗА МАТИЧНИ КНИГИ НА СТРАНКИ АКО ПРАШААТ ЗОШТО НИКОЈ НЕ НОСИ МАСКАСите овие граѓани бараат да се реформира начинот на поднесување барање за извод на родени, акцентирајќи дека е 21. век, дека се треба да е електронски, со електронски штембил на документите. - Управата за водење матични книги (Фото: К. Попов)

    Не престануваат поплаките од граѓани кои имале потреба да вадат извод на родени, венчани или на умрени, што ја чини Управата за водење матични книги една од најнеспособните институции во земјава, па и пошироко. Според она што со примери го раскажуваат луѓето што се изгореле по овие шалтери, може да се каже дека токму овие вработени ја прават грдата слика за администрацијата.

    „Јас сум ти тебе бос (шеф)!“, но и закани од вработен во матично одделение во Скопје доживеала пред неколку месеци Мима од Скопје, која испратила 7 жалби на исто толку мејл адреси во три министерства , поднесувала и приговори, за на крајот да мора да фаќа врски и тие да не ѝ успеат.

    „Ја имам целата ситуација во ПДФ документ (бидејќи веќе праќав жалби на 7 различни емаил адреси на 3 министерства), и никако не може да се долови ужасот во ова мало поле. Нормално никој никогаш не ми одговори. Поминав низ огромен стрес, месеци и месеци чекање. Добив закани од вработен во Управата за матични книги! Поднесов приговор кај стигнав, иако не сум информирана каде всушност треба да поднесам. Сакам државата да се однесува со мене како да сум нормален човек, а не криминалец. Сакам за да извадам еден нов извод, да не морам да фаќам 30 врски (и притоа ниедна да не успее), кога ми треба само еден едноставен Извод за новородената ќерка! Сакам да не ме омаловажуваат вработените во Управата, да не ми се закануваат дека ќе ме извадат на сила од Управата зашто сум прашала оти ниту еден вработен на шалтер не носи маска во време на пандемија“, вели Мима.

    Таа додава дека на шалтер првиот пат дошла со двонеделното бебе, бидејќи го доела. Со сопругот за прв извод на бебето вели дека со бебето во раце, чекале денови и месеци. Таа сака електронски да оди целата процедура, од барање, до изработка и добивање извод.

    „Сакам повеќе да не доаѓа до ситуација вработениот на шалтер да ми вика: „Јас сум ти тебе бос!“, вели Мима.

    Во пандемија, надвор на дожд чекала скопјанка 4 пати по два часа, за да добие однапред платен електронски извод на родени. Секое влегување до шалтерот за 2 минути ја откачувале со образложение дека сè уште изводот од умрени колегата не го внел во книгата. Ѝ требал извод, всушност со забелешка дека бракот престанал со смрт на сопругот. Дури четвртиот пат откако вели бурно изреагирала, шефот во Управата во Скопје ѝ посветил пет минути во кои ѝ ветил дека утредента ќе биде исправен изводот со вметнатата забелешка.

    Се редат примери, бурни реакции на граѓани ширум целата држава на темата искуства со извод на родени, нешто кое секој граѓанин во Македонија, повеќепати мора да го обновува во животот поради разни потреби, небаре се родил повеќепати и првиот извод на родени не му се важи.

    Граѓаните не знаат што повеќе ги нервира, дали задолжителното физичко присуство во процедурата, талкањето, попуштањето вени и капилари од чекање, губењето дневници од работа, или згрешените податоци во изводот, за целото малтретирање и нервози да им се повтори по неколку пати.

    Многу поплаки за згрешени податоци, имиња на родители, презимиња, згрешени датуми на раѓање, па дури и впишување моминско презиме на мајка, како презиме на татко, раскажаа граѓани од Штип, Прилеп, Струмица, Куманово, Тетово и од Битола особено, каде што дополнително се жалат од крајно нељубезниот и неучтив јазик што го користат тамошните вработени во Управата кон странките.

    А има и поинакво однесување на вработени во матичните одделенија во државава.

    „Моите забелешки се однесуваат на вработен кој на своето работно место беше пијан“, вели Јулија од Кавадарци.

    Сите овие граѓани бараат да се реформира начинот на поднесување барање за извод на родени, акцентирајќи дека е 21. век, дека се треба да е електронски, со електронски штембил на документите. Бараат да се постават „банкомати“ за изводи и тие брзо да се вадат, со претходно автоматско поврзување на институциите.

    „Родена сум во Тетово и изводот на родени го барав електронски, со одбрано подигање во Скопје. Изводот го немаше долго време, за на крајот кога се побунив во Скопје се јавија во Тетово и тие веднаш го одобрија. Во Скопје веднаш ми го отпечатија. Безвезно е што изводите се издаваат на ист шалтер, т.е. и за поднесување и за подигање оперативен е само по еден шалтер па се прави ужасна гужва. Електронски потпишан со електронски потпис“, вели тетовка.

    Граѓанин од Куманово, пак поднел барање за извод онлајн, а платил исто така електронски. Кога требало да се подигне изводот (по добиена порака дека е готов), вработените му кажале дека не можеле да видат дали навистина е платен онлајн изводот.

    „Кога барање з а извод се поднесува онлајн, чекорите се врзани така што ако не се плати, логично е дека не би ме имало во системот. Замислете колку се неписмени, ме тераа да дадам некаков доказ дека сум платил, па морав да го печатам потврдниот мејл кој го добив од Управата, при што бев изложен на дополнителен трошок и загубено време. А се можеше да се заврши 2 минути!“, вели овој граѓанин, кој поднел и приговор против неуките вработени.

    И од оние малку граѓани кои поднеле приговор против Управата за матични книги и нејзините вработени, нема некој да се пофали дека имало ефект од тој приговор.

    Билјана, оптимист од Скопје, порачала извод на родени онлајн, каде платила и достава во рок од 48 часа.

    „По мое интервенирање по мејл дека не е доставен навреме, ми го доставија точно 9-от ден. По два дена од доставата, на мејл од Управата добив одговор за број на пратка и динамика на работа на доставувачот, со погрешна евиденција. Ние како граѓани уплаќаме за документ во УВМК за документот и за доставата, УВМК ја префрла одговорноста на доставувачот, а од самиот документ се гледа дата кога е изготвен од нивна страна. Ова е крајно непрофесионално!!!! Изводот ми требаше итно за комплетирање на документи за стипендија. Доставувањето на документите подоцна повлекува смалена можност за остварување на правото за стипендија, бидејќи наведено е дека предност имаат кандидатите кои попрви доставиле документ“, револтирана е Билјана.

    Скопјанец отишол да подигне извод нарачан онлајн, на задната страна на документот фалел печат.

    „Цел изгубен ден и симбол за тоа како ни функционира државата“, вели тој. Бара доставата да биде на домашна адреса, лично, за да се нотираат задолжителните грешки.

    Го раскажува своето патешествие како во Управата во Скопје не функционираат бројчињата, се бутаат луѓе без броеви, со познати внатре меѓу вработените.

    „За период од 8.00 до 11.04 часот (кога го извадив бројчето за чекање) имаше поминато 22 предмети на бројчаникот. Од 11.04 до 13.25 часот, дури дојдам на ред, поминаа само два предмета, јас го имав бројот 25. Кога конечно влегов внатре на шалтерот број 5 веќе имаше две странки кои чекаа, а притоа немаа извадени броеви, ниту пак беа во редот во кој чекавме речиси два ипол часа (во тоа е вклучена и паузата од пола час од 12 до 12.30). Само да напоменам, поради пандемијата пред врата има две лица од обезбедување и едно лице на информативниот пункт, па е малку чудно како тоа влегуваат луѓе туку така??? Затоа што не сум од Скопје, јас морав да го изгубам речиси цел ден, чекајќи само за да ги предадам документите. А на службеникот му требаа само 10-ина минути за да ги прими и завери откако дојдов на ред за новородено дете и да можам да добијам извод после 14 дена во подрачната матична служба“, вели Ненад од Кочани.

    Скопјанка се жали дека ѝ го згрешиле изводот. Ја вратиле одново да уплати за цела постапка, поради туѓа грешка.

    На извод за новороденче, вели граѓанин од Куманово, му впишале погрешна, стара адреса.

    „Повторно корекции и губење време. Одделението за вадење изводи е многу далеку, на излезот од Куманово, во близина на касарните. Тешко може да се најде и се губи многу време до таму да се стигне. Барам извод да се вади со е- барање со прикачување на потребни документи и со известување за датум и час кога да се подигне изводот во оригинал“, вели младиот татко.

    А како ова администрација малтретира 75-годишни луѓе, најдобро зборува примерот што ни го посочи оваа скопјанка.

    „Барањето за извод на мојата 75-годишна мајка беше поднесено електронски за да се земе во Кисела Вода. Неколку пати отидовме за да го побараме затоа што немаше порака дека е готов изводот. По 45 дена решивме да отидеме директно во Управата и да го побараме изводот затоа што ние подразбираме дека ако е поднесено електронски, треба да е побрзо. Еден љубезен вработен се потруди да ја побара евиденцијата за раѓањето на мојата мајка. Ни рече дека некои од колегите не знаеле каде и како да бараат за постари граѓани и затоа ако не сме дошле тука во Управата немало никогаш да го добиеме изводот. Значи не знам за што се работи ама среќа е што мојата мајка е родена во Скопје. Значи ако беше родена во друг град тоа сигурно ќе беше уште поголема трагедија за да го добиеме изводот. Сепак, ни закасни оставинската постапка, а да не зборуваме за нервозите и чекањата во ред“, вели оваа скопјанка и прашува: „Извод на родени постар од 6 месеци да не важи, исто така е чиста глупост. Дали мислите дека тие податоци толку за кратко време се менуваат или е во прашање само земање на пари?“

    Друга скопјанка вели дека за интернационален извод ја шетале, го добила дури за три месеци.

    На Благородна од Скопје ѝ го згрешиле името во изводот на родени, ја пишале Благодарна, најверојатно поради тоа што не сите вработени знаат да читаат и пишуваат на службен македонски јазик. Нејзиниот сопруг Миодраг, пак, од Управата во изводот го пишале Миоград, таа претпоставува дека им асоцирало на Београд.

    Оливера од Управата во Скопје побарала Уверение за слободна брачна состојба.

    „Го изгубија решението за развод уредно поднесено. Не издаваат бројчиња. Седум пати одев во службата додека ми внесоа промена на брачна состојба. И на крај немаше образец да ми испринтаат. А кога реагирав за изгубениот развод ме исфрлија со обезбедување велејќи дека лажам дека сум го поднела. Додека чекав надвор да ми дојде редот, секој пат кога одев,еден човек постојано земаше по десетина изводи што му ги носеа вработени внатре. Лудница е таму. Или подобро, змијарник. Многу изгубено време. Сакавме да се венчаме со сегашниот сопруг во декември. Извод во ноември, а го издадоа на 28 февруари. При тоа и на двајцата три пати ни издадоа погрешен извод, и секој пат плаќавме“, раскажува Оливера.

    Потврда за поплаките на граѓаните е и последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој утврди многу неправилности во работењето на Управата за водење матични книги. Освен финансиски неправилности, Државниот завод за ревизија утврди и дека само во 2019 година Управата издала погрешни 21.957 изводи.

    Во ревизорскиот извештај е наведено дека Управата нема донесено интерна процедура со која ќе се регулира постапката на издавање на изводите и извршување на другите услуги во корист на граѓаните. Поконкретно, Управата не утврдила рок за издавање изводи на родени, венчани и умрени, што создава ризик од ненавремено издавање на документите на граѓаните.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира