Австрија регистрираше повеќе од 15.000 нови случаи на коронавирус за првпат од почетокот на пандемијата, додека најтешко погодените провинции најавуваат целосно затворање, а владата се наоѓа под притисок да го направи истото на национално ниво, место сегашниот карантин за невакцинираните.
Само 66% од населението во Австрија е целосно вакцинирано, што е една од најниските стапки во западна Европа, а седумдневната инциденца порасна на 971 заразен на 100.000 жители. На врвот на најсилниот бран пред една година, Австрија имаше 9.586 новозаразени во еден ден и тогаш земјата беше во целосен карантин.
Најтешко погоден од деветте австриски региони е Горна Австрија, која важи за упориште на крајнодесничарската Слободарска партија. Таа ја има и најниската стапка на вакцинирање, покрај соседниот Салцбург.
„Ако утре не се прогласи национален карантин, Горна Австрија и Салцбург ќе го воведат на неколку недели“, најави гувернерот на Горна Австрија, Томас Штелцер.
И властите на Салцбург потврдија дека се подготвуваат за карантин. Деветте регионални гувернери утре ќе одржат состанок и ќе го поканат канцеларот Александер Шаленберг.