Нема прецизен податок кога точно ќе биде реконструиран мостот на реката Драгор во Битола, кој е еден од најфреквентните, а веќе неколку денови е затворен за сообраќај бидејќи имаше сериозно оштетување на носачите. Мостот е една од најважните точки на сообраќајниот крвоток низ Битола, па откако не се користи, се создаваа метеж во центарот на Битола. Новиот градоначалник Тони Коњановски, кој со овој проблем се соочи уште во првата недела од неговото доаѓање на функција, ги замоли битолчани за трпение додавајќи дека преземаат се̍ што е во нивна моќ, но постапката мора да се спроведе стручно.
„Стручните служби ќе дадат насоки, не би можело точно да се каже, да се предвиди како ќе се одвива цела постапка имајќи предвид дека треба да се обезбеди стручна документација за да се отпочне со реконструкција. Не сакаме да импровизираме. Се работи за мост кој датира од 1920 година. Го очекуваме мислењето од експертите по што ќе започнат сите постапки во најбрз можен рок“, рече Коњановски.
Од Градежниот факултет веќе се вршат потребните испитувања, кои се важни за изготвување на проектната документација, а во постапката ќе бидат вклучени и Завод и Музеј и Управата за заштита на културното наследство, до целосно комплетирање на документацијата и обезбедување на одобрение за реконструкција од Министерството за транспорт и врски.
Оштетувањето беше забележано случајно при редовно крпење на уличните дупки од страна на ЈП „Нискоградба“ од Битола. Демонтирани се носачите, а оставена е само металната конструкција.
Коњановски рече дека состојбата со мостовите не била третирана, па во програмата за 2022 година предвидена е ревизија на мостовите, која не е направена 40 години. Осум од мостовите на реката Драгор се дел од значајни сообраќајници во градот низ кои минуваат возила.
Ж. ЗДРАВКОВСКА