Велика Британија и Франција ветија дека ќе ги преземат сите можни мерки за да ги сопрат илегалните преминувања на Ла Манш откако најмалку 27 мигранти се удавија синоќа, што е најголемата ваква трагедија во каналот откако меѓународните организации ги водат податоците. Борис Џонсон и Емануел Макрон изјавија дека шверцерските банди ги ризикуваат животите на мигрантите, при што се уапсени четири лица во врска со превртувањето на чамецот, што го преживеале само двајца луѓе.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманан кажа дека многу малку се знае за жртвите и од кои причини нивниот чамец се превртел.
„Тие патувале со екстремно кревко, долго пловило на надувување, какви што се користат за шверц на луѓе. Се чини дека чамецот бил доста издуван. Меѓу загинатите се пет жени и едно девојче, а едно лице се води како исчезнато“, кажа Дарманан.
Емануел Макрон повика на кризен состанок на ниво на Европска Унија, велејќи дека не смее да се дозволи Ла Манш да се претвори во гробишта.
Итна потрага беше наредена синоќа откако еден рибарски брод известил дека видел повеќе луѓе во морето покрај брегот на Франција.
„Сакаме да работиме со француските власти за да го уништиме бизнис моделот на шверц на луѓе. Овој трагичен инцидент покажува дека она што досега беше направено не е доволно“, изјави Џонсон.