Британските здравствени власти изразија загриженост дека новооткриената варијанта на коронавирусот во Јужна Африка би можела да ги направи вакцините помалку делотворни и да ги загрози напорите во борбата против пандемијата.
Агенцијата за здравствена безбедност (УКХСА) кажа дека варијантата наречена Б.1.1.529 има шилест протеин кој драматично се разликува од оној во оригиналниот коронавирус врз кој се засновани постојните вакцини против ковид-19
„Ова е најзначајната варијанта што сме ја виделе досега и неопходни се итни истражувања за да научиме колку е заразна, опасна и отпорна на вакцини“, изјави извршната шефица на УКХСА, Џени Харис.
Овој сој првпат беше идентификуван во почетокот на оваа недела во една провинција во Јужна Африка, но Велика Британија уште вчера објави дека британските граѓани кои доаѓаат од шест држави од југот на Африка ќе мора да одат во карантин. Британија од денеска привремено ги забрани летовите од Јужна Африка, Зимбабве, Боцвана, Намибија, Лесото и Есватини.
„Од она што го знаеме, овој сој има значителен број мутации, можеби двојно повеќе од мутациите кај делта сојот. Тоа сугерира дека е попренослив и дека сегашните вакцини можеби би биле помалку делотворни“, изјави британскиот министер за здравство Саџид Џавид.
Светската здравствена организација ќе се состане денеска за да ја процени новата варијанта.