ПОЗИТИВНИ НА НОВИОТ СОЈ ОМИКРОН НАД 60 ПАТНИЦИ КОИ ДОЈДОА ВО АМСТЕРДАМ ОД ЈУЖНА АФРИКА

    ПОЗИТИВНИ НА НОВИОТ СОЈ ОМИКРОН НАД 60 ПАТНИЦИ КОИ ДОЈДОА ВО АМСТЕРДАМ ОД ЈУЖНА АФРИКАОколу 61 лице на два лета на КЛМ беа позитивни и се ставени во карантин во хотел близу аеродромот додека се направат дополнителни тестови; - Аеродромот во Јоханесбург. (Фото: АП)

    Земјите ширум светот се тркаат да воведат забрани и ограничувања за патувања во јужноафриканските земји во обид да се спречи ширењето на новиот сој омикрон на ковид-19. СЗО официјално го именуваше новиот сој омикрон, и соопшти дека има многу мутации, а првичните сознанија сугерираат зголемен ризик од реинфекција. Првичните студии покажуваат дека степенот на репродукција на омикрон е 2 – што значи дека секој заразен ќе го пренесе на уште двајца.

    Во меѓувреме, стотици патници кои пристигнаа во Амстердам од Јужна Африка беа тестирани за новиот сој. Околу 61 лице на два лета на КЛМ беа позитивни и се ставени во карантин во хотел близу аеродромот додека се направат дополнителни тестови, соопштија холандските власти. Патниците кои патувале од Кејптаун до Манчестер преку Амстердам за „Би-Би-Си“ изјавиле дека четири часа биле држени во авион на аеродромот Шипхол, пред да се симнат.

    Холандија во моментов се бори со рекорден пораст на случаи на ковид-19. Утре стапува на сила делумното затворање, кое вклучува предвремено затворање на баровите, рестораните и повеќето продавници.

    Досега познат како Б.1.1.529, сојот омикрон во меѓувреме е откриен и во Белгија, Боцвана, Хонгконг и Израел.

    „Раните докази сугерираат дека постои зголемен ризик од повторна зараза со оваа варијанта. Бројот на заразените со оваа варијанта се зголемува во Јужна Африка. Таа содржи голем број мутации, од кои некои се загрижувачки“, соопшти СЗО и додаде дека ќе бидат потребни недели за да се разберат вистинските ефекти на новата варијанта, додека научниците утврдуваат колку е пренослива.

    Велика Британија, Европска Унија, САД, Австралија, Канада Швајцарија, Израел и Јапонија и неколку други земји веќе објавија дека привремено ги прекинуваат авионските врски со Јужна Африка и неколку соседни земји.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира