Одново ќе му се суди на поранешниот директор на ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) Дејан Бошковски, кој во декември 2019 година беше првостепено осуден на три години затвор за Злоупотреба на службената положба и овластувања во врска со набавка на софтвер за државното претпријатие. Станува збор за случајот „Тарифа“ на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Апелациониот суд ја укинал првостепената пресуда на судијката Софче Гаврилова во целост, како осудителниот дел за директорот на ЕСМ и на координаторите на проектот, така и ослободителниот дел за координаторите.
Причини за укинувањето и за враќањето на постапката отпочеток се нецелосната оценка на доказите, потоа противречност на образложението на пресудата од страна на Гаврилова по однос на вештачењето, противречност на образложението на пресудата по однос на ингеренциите на координаторите на проектот.
Најосновното, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, е што во образложението судијката ги осудила обвинетите за злоупотреба на службената положба и овластувањата, а нормативно не поврзала кој од нив точно кои кривични дела ги сториле и со кои конкретни дејства.
Бошковски и уште двајца обвинети координатори на проектот СЈО ги обвини дека залудно потрошиле скоро 4 милиони евра од незаконски тендер со некомплетна документација за набавка на софтвер за ЕЛЕМ. Не само што тендерот го добила компанија со неисправна документација, туку скапиот софтвер и никогаш не бил имплементиран, т.е. ставен во функција. А, на добавувачот, во 90 отсто средствата му биле исплатени во првите три години од набавката на неупотребливиот софтвер.
Обвинетите за никогаш непоставениот софтвер, потрошиле уште 456.560 евра за негово одржување и уште 16.800 евра за сертификат за употреба на модулот. Договорот со добавувачот е раскинат, активирана е банкарската гаранција за преостанатите долгови за мртвиот софтвер на ЕСМ. Софтверот во ЕСМ требало да се имплементира најдоцна втората година од набавката.
Бошковски е сопруг на поранешната заменик-министерка за правда од ВМРО-ДПМНЕ. Таа е обвинета во големиот случај за изборни нерегуларности и злосторничко здружување именуван како „Титаник“.
Истовремено, Основниот кривичен суд соопшти дека Апелациониот суд ја потврдил пресудата за случајот „Насилство во Општина Центар“. Во овој случај, нарачателот на шамарите и насилствата во Општина центар Никола Груевски доби затворска казна во траење од 1 година и шест месеци, во отсуство. Второобвинетиот Миле Јанакиески, за организација на насилствата, по нарачка на тогашниот премиер Груевски, беше осуден на условна казна од една година затвор, ако во наредните 4 години направи друго кривично дело насилство. Уште петмина извршители, симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, се осудени на условни затворски казни. Тие во следните 2 години не смеат да го повторат кривичното дело насилство.