Домот на Марјан Христов од Смоларе во Општина Ново Село прераснува во своевиден музеј за некогашна Југославија. Во четирите простории од неговата семејна куќа, 34-годишниот Христов за две децении собрал илјадници предмети поврзани со СФРЈ. Од поштенски марки, банкноти, училиштен прибор, документи, фотографии, амбалажа, книги, до медали, ордени, статуи, бела техника и автомобил.
Вели дека не ја памети Југославија, но по кажувањата на постарите, тоа бил периодот кога се ценел работникот и сите се почитувале.
„Пред 20 години работејќи градежништво, многу луѓе се ослободуваа од стари предмети, како касетофони, касети, плочи, разгледници и слики, а јас ги собирав и ги носев дома. Не ја паметам Југославија, за жал, но според кажувања, филмови, книги, музика и спортски резултати од тоа време, била држава за почит. Тогаш се помагало и се живеело добро. Имало и пропусти, нормално, не било сѐ совршено, но секој си добивал по заслуга. Едноставно, ја засакав старата Југославија“, ни вели Христов.
Собирал сѐ што му доаѓало при рака, а потекнува од времето на СФРЈ. Шетајќи по Македонија, се интересирал дали во некој дом има нешто од периодот до 1991 година. Во неговиот мал музеј можат да се видат и кутии од прехранбени производи, козметика од познатите југословенски брендови или нивните календари. Најдраги му се банкнотите, но и ордените и медалите што се доделувале на заслужни работници и истакнати личности.
„Тие ми се омилени. Во тој систем секогаш се наградувале најдобрите. Тогаш во речиси секоја фабрика се доделувале јубилејни ордени. Добар дел од мојата колекција се токму ордените за заслуги, медали од разноразни синдикални натпреварувања и пофалници“, вели Христов, кој чува и регистарски ознаки од времето на СФРЈ, а има и стотина мали експонати од „фиќо“ и „стокец“.
За да ја збогати својата колекција, купувал стари предмети и од Скопје, Белград, Загреб, Сараево, Будва. Ги има посетено сите градови кои по нешто се истакнувале, било по спортски или културен настан, било по некоја фабрика или општествен настан. Има околу 1.000 разгледници од градовите од поранешната држава.
„Ќе ги чувам сите овие предмети. Повозрасни лица доаѓаат и се потсетуваат на времето. Евоцираат спомени, а сето тоа ме исполнува, иако само три години сум бил жител на таа држава“, вели Марјан, кој во дворот има и возило на кое е испишан датумот на Второто заседание на АВНОЈ во Јајце, кој во Југославија се славеше како Денот на Републиката.
Во последните години, освен од поранешна Југославија, Христов собира експонати и од други места. Во моментов работи во Швајцарија како градежник и ако забележи дека домаќините сакаат да се ослободат од некој стар предмет, го зема и планира да го донесе во родното место.
В. ТРАЈКОВ